Дизајнот на овој бар дојде во инстантен момент како визија за овој простор. Во првиот момент затекнавме простор кој е затворен, кој има премногу прегради, слабо осветлување и ниски плафони. Првата одлука беше да се срушат сите прегради кои постојат и да се скрати површината на горната платформа. Со ваквата одлука се отвори поголем простор на приземниот кат кој е најрепрезантитивен и кој треба да го прими најголемиот број на посетители. 

Овој дизајн го става шанкот во главен фокус на дизајнот, како и оградата на горниот кат. Целта на овој проект е да ги истакне овие две површини како динамични, закривени површини кои му даваат динамика и свежина на просторот. Површината на плотната на шанкот продолжува и по ѕидот и се претвора во ѕидна декорација. Бојата на оваа плотна е во потемно дрво, се со цел да се создаде контраст помеѓу вертикалните повторливи елементи и хоризонталната континуирана линија. 

Во разговор со клиентите се создаде предлог кој што вклучува светлосна инсталација над шанкот. Ваквото решение беше донесено заради потребата од повеќе светло во овој дел кај шанкот. Во однос на останатоте светло во влезниот дел е предвидено да се постават едноставни сијалици кои што ќе можат да го менуваат интензитетот на светлина во зависност од потребата. Со отстранувањето на големиот број ѕидови од просторот кои ги имаше во просторот, се доби многу поголема светлина и тоа значи дека вештачкото осветлување може да биде сведено на минимум, а тоа го прави овој проект поекономичен и штедлив. 

Овој бар е освежување за Лептокарија која што е отворен трговски центар со многу различни типови на продавници, кафулиња, ресторани и многу друго. Новиот транспарентен излог и современиот дизајн ќе го освежи и искуството на движење низ пешачките улици во Лептокарија.